Месопусна седмица Отпечати
Оцени ја статијата: / 2
ЛошоНајдобро 
Wednesday, 05 March 2008

СТРАШНИОТ СУД


Следната недела се нарекува Месопусна затоа што за време на седмицата што следи, Црквата пропишала делумен пост – воздржување од месо. Овој пропис треба да се разбере во рамки на она што веќе го рековме за важноста на подготовката. Црквата сега почнува да ја завршува подготовката за подвигот што го очекува од нас за време на следните седум дена. Таа постепено нè воведува во тој подвиг, знаејќи ја нашата непостојаност, предвидувајќи ја нашата духовна слабост.
Во предвечерието на тој ден, во Месопусната сабота, Црквата нè повикува на молитвено сеќавање на сите оние што се упокоиле со надеж за воскресение и за живот вечен. Ова е навистина голем ден на молитва за упокоените членови на Црквата. За да можеме да го разбереме значењето на оваа поврзаност меѓу постот и молитвата за упокоените, треба пред сè да си спомнеме дека христијанството е религија на љубовта. Христос не им оставил на своите ученици некакво учење за индивидуално спасение, туку им дал нова заповест да се љубат еден со друг. И додал: По ова ќе ве познаат дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе. Љубовта претставува основа и суштина на животот на Црквата, којашто, според зборовите на св. Игнатиј Антиохиски е единство од верата и љубовта. Гревот секогаш е отсуство на љубов, одвоеност, изолираност, војна на сите против сите. Новиот Живот, којшто ни е даден од Христа и којшто ни е пренесен од Црквата, е пред сè живот на помирување, собирање на расеаните, повторно воспоставување на љубовта, разнебитена од гревот. Но, како можеме да го поставиме почетокот на враќањето кон Бога, на помирувањето со Него, ако самите не се вратиме кон единствената нова заповед на љубовта? Молењето за умрените е суштински израз на Црквата како љубов. Ние Го молиме Бога да си спомне за оние што ги спомнуваме, а ги спомнуваме затоа што ги љубиме. Молејќи се за нив, ние се сретнуваме со нив во Христа, Којшто е Љубов и Којшто, затоа Што е Љубов, ја победи смртта, таа највисока форма на разделеност и недостаток на љубов. Во Христа нема разлика меѓу живите и мртвите, оти во Него сите се живи. Самиот Тој е Живот, а тој Живот е светлина за луѓето (Јн. 1,4). Љубејќи Го Христа, ние ги љубиме сите што се во Него, а љубејќи ги оние што се во Него, ние Го љубиме Христа. Ова е закон на Црквата и јасно објаснување на нејзините молитви за мртвите. На-шата љубов кон Христа ги одржува живи затоа што ги држи „во Него”, и колку грешат, колку безнадежно грешат оние западни христијани коишто молитвата за упокоените ја сведуваат или на јуридичко учење за некакви „заслуги” и „награди”, или едноставно ја отфрлаат како нешто бесполезно. Службата за упокоените во Месопусната сабота, е образец на сите други служби за спомнување на мртвите. Тие се совршуваат уште и во втората, третата и четвртата сабота од Великиот пост.
Љубовта е основна тема и во Месопусната недела. На овој ден, од Евангелието се чита Христовата парабола за Страшниот суд (Мт. 23,31-46). По каков закон Христос ќе ни суди кога ќе дојде во тој ден. Во параболата се одговара: Љубов, и тоа не само хуманитарна грижа за апстрактна правда и за анонимниот „бедник”, туку конкретна и лична љубов кон човекот, кон секое човечко суштество што по Божја волја ќе го сретнеме на нашиот животен пат. Таа разлика е многу важна, затоа што христијаните денес сè повеќе и повеќе се склони христијанската љубов да ја идентификуваат со политичката, економската и социјалната грижа за луѓето. Со други зборови, тие од грижата за единствената Личност и за неговата лична судбина, се свртуваат кон грижата за анонимни суштества што припаѓаат кон, на пример, некаква класа, националност итн. Не се работи за тоа дека овој вид на грижа е непотребен. Јасно е дека христијаните, носејќи ја на себе граѓанската или професионалната одговорност, се должни, по мерата на своите можности и разбирања, да се грижат за социјалниот и општествениот живот, за поправедно, еднакво и воопшто, подобро општество. Несомнено, сите тие сфаќања се израснати од христијански корени и најверојатно се инспирирани од христијанската љубов. Но, христијанската љубов, како таква, е сосема поинаква и таа разлика треба да се разбере и да се одржи, затоа што Црквата е должна да ја продолжи својата особена, единствена мисија и да не се претвори во некаква „социјална агенција”, нешто што таа дефинитивно не е.
Христијанската љубов е „возможна невозможност” да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во мојот живот, макар и само за момент, не само како повод за „добро дело” и заради вежбање човекољубивост, туку како почеток на вечно дружење во Самиот Бог. Оти, што е љубовта ако не таинствена сила којашто го превозмогнува случајното и надворешното во „другиот” – неговиот физички изглед, социјалната положба, етничкото потекло, интелектуалните способности – и досегнува до душата, единствениот личен корен на човековото суштество, делчето од Бога во него. Бог го љуби секој човек затоа што Тој Единствен го знае бесценото и апсолутно сокровиште - душата, човековата личност којашто Тој му ја дарил на секој човек. На тој начин, христијанската љубов станува учество во тоа божествено знаење и дар на божествената љубов. Љубовта не може да биде безлична, затоа што таа е чудесно откровение на личноста во човекот, на личното и единственото во општото и заедничкото. Љубовта е откривање на она што може да се сака во човекот, на она што му е дадено од Бога.
Во овој однос, христијанската љубов е нешто спротивно на „социјалната активност” со којашто денес често го идентификуваат христијанството. За социјалниот активист, предмет на љубовта не е личноста туку човекот, апстрактен дел земен од не помалку апстрактното човештво. Но, за христијанството, човекот е предмет на љубовта затоа што е Личност. Таму личноста се сфаќа како човек, а тука човекот се гледа само како личност. За социјалниот активист, личноста не претставува никаков интерес и тој често ја жртвува во име на „општото добро”. Може да се заклучи, не без основа, дека христијанството се однесува мошне скептично кон апстрактното „човештво”, но тоа се изменува себеси и прави смртен грев секогаш кога ќе ја занемари грижата за одделната личност и љубовта кон неа. Социјалниот активизам секогаш е „футуристичен” во својот пристап. Тој секогаш дејствува во име на праведноста, поредокот и достигнувањето на идната среќа. Христијанството пак, малку се грижи за загадочната иднина, а сета своја сила ја насочува кон сегашниот, единствениот момент кога треба да се покаже љубов. Овие две гледишта не се исклучуваат едно со друго, но не треба да се испомешаат. Без сомнение, христијаните носат одговорност по однос на земниот живот и должни се да ја земат на себе и да ја исполнат. Дејноста на социјалниот активист целосно му припаѓа на земниот живот. Но, целта на христијанскиот живот е зад пределите на земниот живот. Таа, самата по себе, е зрак што исходи од Царството Божјо, таа поминува низ сите ограничувања и условности на земниот свет, затоа што нејзината движечка сила, како и целта и крајот – се во Бога. И, ние знаеме дека единствената постојана и преобразувачка победа во овој свет којшто „лежи на зло”, е победата на љубовта. Вистинската и еднствена мисија на Црквата се состои во тоа да му напомнува на човекот за таа лична љубов и за неговата повиканост да го исполни грешниот свет со љубов.
Параболата за Страшниот суд зборува за христијанската љубов. Не сме сите повикани да работиме за човештвото но секој од нас го добил дарот и благодатта на љубовта Христова. Знаеме дека на сите луѓе им е потребна таа лична љубов, признанието на нивната лична, особена душа, во којашто на чуден начин се огледува убавината сето творение Божјо. Ние, исто така знаеме дека во светот има болни и гладни, затоа што не сме ги заљубиле со таква, личносна љубов. И, на крајот од краиштата, знаеме дека, колку и да е нашето постоење тесно и ограничено во своите можности, секој од нас носи одговорност за еден мал дел од Царството Божјо, баш поради тој дар на Христовата љубов. Така, ние ќе бидеме судени за тоа дали сме ја зеле или не сме ја зеле на себе таа одговорност, дали сме љубеле или сме одбиле да љубиме. Затоа што доколку сте му го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле (Мт.25,40).

 


отец Александар Шмеман
“Великиот Пост“
   Скопје, 2004
 

A Name is a name

Св. Трифун
 

Беседи

СВАДБАТА ВО КАНА (Јн. 2, 1-11)

Свадбата во Кана Галилејска е уште едно евангелско собитие, возљубени браќа и сестри, во кое символички е изобразен целиот Домострој на спасението. Човечката историја ни се открива како...
Повеќе

Духовни Текстови

ВЕЛИКОПОСНАТА МОЛИТВА НА СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН

Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, безволност, властољубие и празнословие. Даруј ми, пак, на на Твој слуга, Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов.Еј,...
Повеќе

Литургија по Литургијата

(Беседа за милостивиот Самарјанин, Лука 10, 25-37) Некое девојче, кое завршило обука за прва помош, во една прилика целото радосно, величајќи се себеси, вели: „Толку се радувам што синоќа пред...
Повеќе

Современи Автори

Етичките проблеми на новите "технологии на зачнување" (вештачкото оплодување)

article thumbnailТвоите раце ме создале и ме оформиле... Сети се дека како глина си ме замешал... Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и...
Повеќе

Написи

Митрополит Методиј - ЦРКВАТА И МЛАДИТЕ

Поттикнати од вродената наклоност кон историскиот оптимизам често правиме проекции на својата благочестива надеж за опстојување на Црквата сé до исполнувањето на времето. До светата...
Повеќе

Вера и Живот

Џејсон Мико - БОЖИЌ, ПРВ ДЕЛ

За поголем дел од христијанскиот свет утре е Божиќ. Знам дека Божиќ го славите за две недели и токму поради тоа оваа колумна и наредните две ќе се фокусираат на Божиќ и на Нова година - нешто...
Повеќе

КОЈ ВИ Е ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО ЦРКВАТА?

Неодамна, извршувајќи ја својата парохиска должност по повод домашна слава, бев  во домот на едно православно семејство. По завршувањето на чинот – водосвет и режење на славскиот лебк, по...
Повеќе


Со Смрт, Смртта си ја згазил
Денес живееме во култура која ја одрекува смртта. Ова многу јасно се гледа ако погледнеме на било кое обично погребно претпријатие, кое се обидува да изгледа како и сите останати фирми...
Денот кога умре смртта
Според логосот на хроничната недоверба со која европејскиот син ја консумира стварноста громаден камен на сопнување е фактот на Христовото воскреснување...
Окото на Духот
Со благослов Божји, во радост пасхална, ја поминуваме и шестата седмица од великата Педесетница. Во овој ден Црквата Божја нè соочува со животната судбина на чудесниот евангелски јунак – слепородениот...
Колбе: „Сите сме Егејци“
Се разбира првото мое дело што го објавив 1999 година „Егејци“ беше еден голем филозофски есеј или есеистички роман, како што тоа се нарекува. Таа книга има и многу политички потенцијал, јас таму не само што за првпат ...
Статии на Велик Петок - CD и книга
Преводот и препевот од црковнословенски јазик, како и дизајнот ги направи митрополитот Американско-канадски Методиј, а музичката изведба е на хорот “Јустинијана Прима“...
 JoomlaWatch Stats 1.2.0